Еурофарм Пелистер утринава го потврди хрватскиот стратег Жељко Бабиќ за нов тренер на тимот. Битолскиот клуб во сооднос со високите амбиции ангажираше познат тренер со големо искуство.
„Со огромно задоволство, ве информираме дека нов шеф на стручниот штаб на Еурофарм Пелистер ќе биде Жељко Бабиќ, поранешен селектор на хрватската ракометна репрезентација и тренер на ППД Загреб, Мешков Брест и Горење Велење“, се вели во соопштението.
Бабиќ е роден на 19 мај 1972 година. Во досегашната своја тренерска кариера, како помошник тренер со репрезентацијата на Хрватска освоеи бронзени медали на Олимписките игри во Лондон 2012 година, Европското првенство во Србија 2012 година и Светското првенство во Шпанија 2013 година.
Како селектор со ракометната репрезентација на Хрватска, на Европското првенство во Полска во 2016 година го освои бронзениот медал. Бабиќ е докажан ракометен стручњак, кој во овој проект влегува со голем ентузијам и желба за постигнување на врвни резултати и се разбира враќање на ракометните титули во најракометниот град.
Бабиќ вечерва ќе пристигне во Битола, а утре ќе го одработи првиот тренинг со новата екипа.