На денешната средба со новинарите тренерот Божидар Мојсов и голманот Градимир Чаневски го најавија последниот домашен натпревар на Еурофарм Работник оваа година. Утре од 17:15 часот во Битола доаѓа ППД Загреб, а самото име на ривалот буди многу мотиви кај битолчани.
Божидар Мојсов
(тренер на Еурофарм Работник)
Сите знаеме кој ривал ни доаѓа утре. Доаѓа млада и мотивирана екипа, предводена од играчката и тренерска легенда Веселин Вујовиќ. Тој е човек ги мотивира младите ракометари, играат агресивно и многу добро. Сигурен сум дека ќе одиграме изедначен и докрај неизвесен натпревар. Имаме мали повреди, Кукоски ја обнови повредата, уште не сме залечени, но ќе парираме на големиот ривал. Ги повикувам сите симпатизери, да дојдат да нè бодрат, бидејќи овие момци заслужуваат поддршка
Градимир Чаневски
(Еурофарм Работник)
Ни следи тежок натпревар, знаеме каков ривал е ППД Загреб. Искусни се од настапи во Лигата на шампионите и СЕХА лигата. Наше е да направиме публиката да ужива и да ја испратиме годината со позитивен резултат. Се надевам дека ќе добиеме адекватна поддршка за да ја оствариме целта.
По завршувањето на овој дуел Еурофарм Работник се среќава уште со Веспрем и Спартак Москва на гостински терен.