Еурофарм Работник - Бидасоа Ирун 25-23 (14-15)
Македонскиот вицешампион Еурофарм Работник со победа се прости од групата Ц во Лигата на шампионите. Битолчанит стигнаа до триумф од 25-23 над лидерот Бидасоа Ирун.
Гостите подобро го започнаа мечот, во неколку наврати имаа три позитива, за на пет минути до крајот на првиот дел да стигнат до највисоки +5 (10-15). Сепак, Еурофарм Работник во финишот го подигнаа нивото на игра, постигна четири гола во серија и на пауза замина само со еден негатива (14-15).
Во продолжението улогите се сменија, играта беше поинаква, а гостите беа тие кои го бркаа резултатот, но Еурофарм Работник не го испушташе тешко стекнатото водство. Во завршните мигови неколку пати имаше егал, за Острушко да погоди за 25-23 на 15 секунди пред крајот и да ги реши сите дилеми.
Украинецот Острушко со осум погодоци денеска беше најдобар поединец на Еурофарм Работник, кој својот прв настап во Лигата на шампионите го заврши со три победи и седум порази.