По потпишувањето на договорот кој се нарекува „Платформа за ракометна Битола“, своето задоволство не го криеше претседателот на клубот Зоран Стерјев. Тој истакна дека темелните преговори донесоа квалитетен договор од кој битолчани ќе бидат горди.
„Во име на РК Еурофарм Работник сакам да го искажам моето задоволство што по долги преговори стигнавме до овој момент. Според некои, долги преговори, но според мене исклучително квалитетни и тоа е најзначајното, во тоа што го правите да внесете квалитет и темелност, а времето некогаш и не е приоритет, кога треба да овозможите иднината да биде светла, особено за нешто што е многу сензитивно за Битола и битолчани, а тоа е ракометот и РК Пелистер.
Идејата потекна од спортски работници и поранешни ракометари кои што сметаа дека платформата на двата сегашни клубови во Битола е основа за да се направи еден поголем исчекор не само на нашите простори, туку и на меѓународен терен. Ние сме уверени во тоа дека ќе биде така и ме радува што целокупниот процес се темелеше на исклучителна транспаретнтност, на чесни идеи, а така и ќе продолжи. Основата на оваа „Платформа за ракометна Битола“ е да се вратат сјајот комплетно на битолскиот ракомет и сите да бидеме горди“.