Пред последниот натпревар од групата Ц во Лигата на шампионите меѓу Еурофарм Работник и Бидасоа Ирун, в сабота во 17:30 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, македонскиот вицешампион денес одржа прес конференција на која зборуваа вршителот на должноста тренер на екипата Божидар Мојсов и капитенот Гоце Ојлески.
Божидар Мојсов
(тренер на екипата)
Ние сме во една ситуација која ниту еден клуб не би посакал да биде. Никој не посакува да има промени среде сезона. Ни следи најтешкиот натпревар оваа сезона. Најтежок и за мене и за ракометарите. Ни доаѓа лидерот во групата, Бидасоа Ирун е одлична екипа, системски добро подготвена. Тие долго време играат заедно и сигурно ни следи тежок натпревар.
Би посакал играчите да излезат на терен и да го покажат најдоброто од себе. Имаме голем неспорен квалитет во екипата и се надевам на добар натпревар и максимално ангажирање. Сите ракометари се спремни, со исклучок на Милорад Кукоски, кој е неизвесен. Тренира, но уште не сме одлучиле дали ќе настапи
Гоце Ојлески
(капитен на Еурофарм Работник)
По еден турболентен период за нас, ни следи последниот натпревар од Лигата на шампионите сезонава. Бидасоа Ирун по мое мислење покажа најмногу и затоа е лидер во групата. Ним им ја даваме фаворитската улога в сабота. Ние веруваме дека ќе се издигнеме и со наш максимум можеме да ги победиме
Австриските судии Бркиќ и Јусуфхоџиќ ќе го водат натпреварот в сабота од 17:30 часот.