Претпоследниот домашен натпревар во групата Ц на Лигата на шампионите ракометарите на Еурофарм Работник го играат в недела против Савехоф. Овој дуел е можност да се прекине серијата на неуспеси и да се израдува на вториот триумф.
Стевче Алушовски
(тренер на Еурофарм Работник)
Савехоф ни е еден од должниците оваа сезона во Лигата на шампионите. Да бевме комплетни ќе бевме големи фаворити, но ние подолг период мака мачиме со повредени ракометари. Не можеме да реализираме добар тренажен процес и подготовка за дуелите после Веспрем. Имаме негативна серија, но спремни сме за Савехоф. Добро го анализиравме ривалот, верувам дека дел од повредените ракометари ќе ни помогнат да ја извојуваме втората победа во Лигата на шампионите. Савехоф е незгоден противник, доаѓа од ракометна земја, млада екипа е што сака многу да трча. Иако сме кратки во ростерот, на маката се познаваат јунаците и верувам во втора победа во Лигата на шампионите
Никола Митревски
(Еурофарм Работник)
Сметам дека Савехоф доаѓа со блага фаворитска улога. Причината не е што се поквалителни, туку тоа што ние сме преполни со повредени ракометари и тоа веќе подолг период. Имаме многу рековалесценти, незаздравени ракометари, како на натпреварите, така и на тренинзите. Се забележува дефицитот во одбраната, немаме ротација и на тоа се должат убедливите 2-3 порази минатиот месец. Нема да се предадеме, ќе излеземе да се бориме за секоја топка, да дадеме свој максимум и конечно пак да ја израдуваме битолската публика
Натпреварот Еурофарм Работник - Савехоф се игра в недела од 17:00 часот.