Денес на прес-конференција во прес-центарот на спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, тренерот и капитенот на македонскиот вицешампион го најавија четвртиот домашен натпревар во регионалната лига, утрешниот дуел со Мешков Брест од Белорусија.
Стевче Алушовски
(тренер на РК Еурофарм Работник)
Ни доаѓа шаренолик состав на Мешков Брест, но и ние имаме свои проблеми. Повредени се Маркоски, Кукоски, Вегар, а на загревањето во Прешов се повреди и Граџан. Практично сме со само еден кружен напаѓач, но тие кои ќе настапат, верувам дека ќе дадат максимум.
Ќе биде неизвесно, но верувам дека со нашиот максимум ќе се радуваме на четврта победа. Ова за нас е меч топка за што подобар пласман и подобра стартна позиција напролет. Се надевам дека сите ракометарите ќе го сфатат натпреварот максимално сериозно и на крајот ќе се радуваме.
Гоце Ојлески
(капитен на Еурофарм Работник
По загубените шанси во Лигата на шампионите, имаме многу подобра ситуација во СЕХА лигата. Играме добро во ова натпреварување и зошто тоа да не продолжи и понатаму. Знаеме дека Мешков Брест е долгогодишен член на СЕХА лигата, кандидат за висок пласман, па без разлика во каков состав ќе допатуваат, ќе бидат опасни.
Ние имаме ситни проблеми со повредени ракометари, но тие кои ќе настапат ќе го дадат максимумот за што е можно подобар резултат.
Натпреварот Еурофарм Работник - Мешков Брест се игра утре во 19:00 часот.