По трите порази со еден гол разлика, Еурофарм Работник во четвртото коло конечно ја забележа првата победа во Лигата на шампионите откако го совлада Кокс со 31-30. Битолскиот тим потешко од очекувањата дојде до победа против Кокс.
Еурофарм беше голем фаворит во овој меч и така го почна натпреварот, се одлепи уште на стартот, беше 7-3, таквата предност ја одржа до крајот на првото полувреме кое го доби со 17-13.
Еурофарм поведе 18-13 на стартот на вториот дел, но повторно почна да се повторува приказната од претходните натпревари. Домашниот тим снема идеја во нападот, гостите ги казнуваа сите грешки и полека стигнаа до израмнување во натпреварот, па во 40. минута беше 20-20, а пет минути подоцна го имаа и првото водство (24-25). Во драматичен финиш Ојлески погоди од пенал за 31-30, а Финците не успеаја да реализира, бидејќи Митревски им го запре последниот шут, за прва победа на Еурофарм во Лигата на шампионите.
Најмногу голови за македонскиот тим постигна Остроушко осум, пет реализираше Ојлески.
Идната недела на 20 октомври Еурофарм го пречекува Татран Прешов кој е единствениот тим во групата без бодови, битолчани ќе имаат нова голема шанса за победа.