По враќањето од Белорусија, ракометарите на Еурофарм Работник вчера двапати тренираа и ја започнаа подготовката за натпреварот против Кокс во рамките од четвртото коло на Лигата на шампионите.
На средбата со новинарите зборуваат тренерот Алушовски и капитенот Ојлески.
Стевче Алушовски
(тренер на РК Еурофарм Работник)
Уморни сме и повредени, но спремни за тежок дуел со Кокс. Повредени се Маркоски, Стјепановиќ и Јотиќ и без нив ќе биде исклучително тешко да се игра. Но, тоа не значи дека нема да се обидеме да дојдеме до првата историска победа во Лигата на шампионите. Финците се незгоден противник, го изненадија Татран Прешов пред неколку недели. Кокс е екипата која три години игра заедно и не смееме ниту да ги потцениме, ниту да ги прецениме. Минатата сезона го изненадија Флензург и тоа треба да ни биде предупредување. Сезонава играат со големи осцилации, првите два натпревари играа многу слабо, па го победија Татран. Два тренинзи потрошивме да ги анализираме, а и денес ќе работиме на подготовката на натпреварот. Ако не сме максимално сериозни ќе имаме големи проблеми. Не сакам да звучам песимистички, но претпазлив сум и заради заморот, повредите и патувањата
Гоце Ојлески
(капитен на РК Еурофарм Работник)
Жалиме за пропуштените шанси на претходните три натпревари, но сметам дека на овој дуел имаме шанси за победа. Имаме проблеми со повредени ракометари, уморни сме, но системот и календарот се такви. Сите кои сме дел од составот ќе дадеме максимум и нема да ја испуштиме шансата да славиме победа
Финците денес пристигнуваат во Битола и утре ќе тренираат во спортската сала „Боро Чурлевски“.