Само што се вратија од Шпанија, ракометарите на Еурофарм Работник почнаа да се подготвуваат за натпреварот од третото коло на СЕХА лигата против Веспрем. Никола Маркоски заради повреда на прстот од раката единствен ќе недостига од ростерот на Алушовски.
Денес на прес-конференција битолчани го најавија натпреварот:
Стевче Алушовски
(тренер на Еурофарм Работник)
Европскиот вицешампион преполн со звезди доаѓа во нашиот град и тоа е посебен настан. Ако ракометот се играше по име и буџет, Веспрем не ни треба да доаѓа во Битола. На терен можеме против секого да се надеваме. Од вчера ги започнавме подготовките за овој натпревар и трениравме во Шпанија. Сите ракометари освен Никола Маркоски се здрави и мотивирани. Ќе дадеме максимум, што е во наша моќ да бидеме достоен репрезент на македонскиот ракомет. Гостувањето на Веспрем е празник на ракометот во Битола
Невен Стјепановиќ
(Еурофарм Работник)
Ќе ми биде задоволство првпат да играм против Веспрем. Уморни сме, имавме тежок натпревари, но ќе излеземе без притисок против ѕвездите на Веспрем. Во досегашниот дел од сезоната може да кажам дека ниту една екипа не нè надигра и мислам дека имаме квалитет да се носиме со сите екипи. Утре ќе се обидеме да одиграме што е можно подобар натпревар