Во издание кое со сигурност беше најдобро сезонава, Еурофарм Работник убедливо ја победи Металопластика со 32-21 и со две победи од два натпревари изби на чело на групата Б на СЕХА лигата. На прес-конференцијата по натпреварот пред новинарите зборуваа тренерот Алушовски и крилото Ѓукиќ.
Стевче Алушовски
(тренер на Еурофарм Работник)
Не сакам да издвојувам играчи, но денес Митревски беше фантастичен на голот. Ни даде голема сигурност уште од стартот на мечот, а таа сигурност соиграчите ја искористија и направија осетна разлика уште во првиот дел. Сакам да им честитам на моите момци за одличната партија, борбеноста и залагањето, но немаме многу време за славје, бидејќи нè чека нов натпревар во Лигата на шампионите. Металопластика одигра фер и коректно и ѝ посакувам многу среќа и успех во остатокот од сезоната
Милан Ѓукиќ
(ракометар на Еурофарм Работник)
Сакам да им честитам на гостинските ракометари за фер и коректната игра и им посакувам успеси во продолжението од сезоната. Како што кажа тренерот, кога на голот го имаме расположениот Митревски, тогаш сè е полесно. Тој ни даде „ветар во грб“, а ние одговоривме соодветно и мислам дека одлично ја завршивме работата
В петок битолчани патуваат во Шпанија, а в недела ќе се соочат со поранешниот европски првак Бидасоа Ирун.