Денес во конференциската сала на спортската сала „Боро Чурлевски“ се одржа прес-конференција пред вториот натпревар на Еурофарм Работник во СЕХА лигата. В понеделник во Битола гостува поранешниот европски првак Металопластика, предводена од тренерот Веселин Вуковиќ.
На средбата со новинарите говореа тренерот Стевче Алушовски и голманот Никола Митревски.
Стевче Алушовски
(тренер на Еурофарм Работник)
Натпреварот со Металопластика доаѓа во незгоден момент по двата порази во три дена. Ривалот е млада екипа која е предводена од искусен тренер, Веселин Вуковиќ. Досегашните нивни резултати против Бешикташ и ППД Загреб покажаа дека се во добра форма. Ни следи интересен натпревар, ние како домаќини сме фаворити, но нема да биде лесно. Имаме два-три дена, ќе направиме добра припрема, ќе видиме кои се нивните добри и лоши страни и искрено се надевам дека в понеделник ќе ја извојуваме втората победа во СЕХА лигата
Никола Митревски
(ракометар на Еурофарм Работник)
Ни следи тежок натпревар со Металопластика, за нас нема лесни натпревари сезонава. Тие имаа повеќе време за подготовка, но два-три дена се доволни за подготовка. Иако сме фаворити, не верувам дека ќе биде лесно. Млади се, играат борбено, парираа со сите ривали сезонава. Ние сме малку психички разнишани, но нема да влијае на натпреварот в понеделник и верувам дека ќе се вратиме на победничките патеки. Ако го дадеме максимумот, мислам дека ќе се радуваме на победа в понеделник
Српскиот вицешампион во Битола доаѓа в недела, во попладневните часови ќе тренира во спортската сала „Боро Чурлевски“, а в понеделник од 20:45 часот ќе се одигра натпреварот во рамките од второто коло на Б групата на СЕХА лигата.