Еурофарм Работник му се одмазди на тимот на Пролет за поразот во Скопје и го победи со 26-22, во натпревар од 14. коло во Суперлигата. Oва e прва победа за тренерот Илија Темелковски над некогашниот клуб, со кој разделбата не беше баш пријателска.
Манасков и Василевски донесоа 0:2 на стартот за Пролет, водството беше одржано до 6-8, кога преку пикерот Граџан кој погодуваше во серија домашните направија пресврт и се одлепија на 11-8, а на пауза се замина со 13-11. Моментите кои го „скршија“ натпреварот беа почетните минути од вториот дел. Домашните голмани одлично си ја завршија работата, а со голови од транзиција, Еурофарм дојде до највисоки +6.
Од тој момент, екипата на Илија Темелковски со многу рутина го приведе натпреварот кон крај и славеше со 26-22 . Елмир Граџан со седум, Златко Мојсоски со пет и Ојлески и Крстевски со четири гола се истакнаа кај Еурофарм, а Манасков со седум и Џонов со четири голови беа најпозитивни кај Пролет.