По подготовките во Маврово и тест мечевите во Охрид, Еурофарм Работник оваа недела тестира во Битола и по победата над Прилеп, одигра два теста против Железничар од Ниш. Тренерот Бошковски може да биде задоволен, посебно од првиот од двата натпревари.
„Ова е само добар тест за нас и само со вакви натпревари можеме да ја подигаме формата. Се наоѓаме во фаза во која од физика минуваме на тактика и верувам дека ќе бидеме подготвени за натпреварот со Охрид во второто коло. Целта ни е да ја подготвиме екипата за ноември и европскиот двомеч. Имаме голем проблем што немаме ракометар како Ашраф Адли. Мојата ракометна филозофија се базира на кружниот напаѓач и тука сме потенки и се надева со работа ќе дојдеме до задоволително ниво, кое ќе ни даде за право и во првенството и во Европа да дојдеме до победи“, ни рече Бошковски.
Со овој натпревар официјално завршија тест дуелите и Еурофарм Работник ќе се концентрира на официјалните натпревари.