Еурофарм Работник - Железничар 24-21 (11-12)
На покана на Конзулот на Република Србија во нашата земја, српскиот ракометен клуб, Железничар од Ниш, каде тренер е поранешниот македонски селектор Јошко Петковиќ гостуваше во Битола и го одигра првиот од двата пријателски натпревари со Еурофарм Работник. Битолчани извојуваа победа со 24-21 (11-12), благодарение на второто полувреме, цврстата одбрана, добриот Ивановски на голот и головите од контра напад на Гоце Ојлески.
Стружанецот, кој не играше пред два дена против Прилеп, за првпат се појави пред битолската публика во дресот на финалистот на Купот и ја оправда довербата. Во спортската сала „Младост“, mечот подобро го отворија гостите од Србија, но со атрактивни голови на Ојлески и Мојсоски, Еурофарм Работник израмни. До полувремето се играше гол за гол, а гостите од Ниш на одмор заминаа со 11-12. Цврстата одбрана и Ивановски на голот беа клучот за пресвртот. Брзите контри на Ојлески, Крстевски и Мојсоски, го вратија битолскиот клуб во водство. До крајот, Еурофарм Работник се одлепи на +5 и без дилеми славеше со 24-21.
Најефикасен поединец на натпреварот беа Ојлески со 9 кај домаќините, а во српскиот табор се истакнаа Спасиќ и Крсманчиќ со по 4 гола. Утре од 11.00 часот двете екипи повторно ќе се соочат во тест натпревар во Битола.