Во последниот натпревар од четвртото коло на плеј-оф лигата, кој се одигра попладнево во Битола, Еурофарм Работник го совлада градскиот ривал Пелистер со 26-25 (12-12)
Мечот започна допадливо, со гол за гол и добри одбрани на Чаневски и Даниловски. Чурлевски и Крстевски први повлекоа, но Пелистер одговори преку Николиќ и Чантурија. Благодарение на врската Чурлевски – Адли, Еурофарм Работник дојде до предност, но пелистерци реагираа и Борјан Маџовски донесе ново израмнување (14-14).
Следуваше бран на пелистерци кои со цврста одбрана и брзи контранапади направија серија 4-0 и поведоа со 20-22 на десет минути до крајот на натпреварот. Најискусните пелистерци Димитровски Чантурија ја презедоа одговорноста и погодија за 21-24. Домаќините направија серија од 4-0 најмногу благодарение на Чаневски и Барош и поведоа со +1.
Еурофарм Работник дури имаше и напад за +2, но Јагуриновски погреши и Чантурија од седум метри израмни на 25-25. Бошковски остана и без Крстевски кој заработи црвен картон и домаќините останаа без уште еден ракометар во ротација. Барош реализира седмерец во 58. минута, а Чаневски го прочита Вујачиќ и момците на Бошковски тргнаа по потврда на победата. Даниловски го одбрани ударот на Чурлевски и Пелистер доби последна шанса. Чантурија изнуди седмерец на 15 секунди до крајот, но Чаневски го одбрани ударот на Богдан Николиќ за победа од 26-25 за Еурофарм Работник.
Серхио Барош со 7 гола беше најефикасен кај Еурофарм Работник, а Чурлевски и Крстевски постигнаа по 4 гола. Кај Пелистер се издвоија Богдан Николиќ со 7 и Васко Димитровски со 5 гола. За ракометарите на Еурофарм Работник ова е втора победа во плејофот, додека Пелистер го претрпе третиот пораз.
ФОТО:Филип Вирановски - Гол.мк