Ракометниот клуб Еурофарм Работник категорично ги демантира шпекулациите за заминување на ракометарот Давор Чутура. Спортскиот директор на клубот Бојан Стефановски потврди дека српскиот ракометар се врати во Шпанија, каде што живее неговото семејство, но само заради завршувањето на есенскиот дел од Суперлигата и откако клубот ги ослободи сите ракометари од обврските за оваа година.
„Сите информации и шпекулации околу отказ или заминување на Давор Чутура се невистинити. Ние сметаме на ракометарот и во иднина и веруваме дека со него во тимот ќе постигнеме нови успеси во пролетниот дел од сезоната. Уште еднаш сакам да ги отфрлам сите информации за разделба со Чутура. Тој и натаму останува член на РК Еурофарм Работник“, истакна Стефановски.
Левиот бек има огромно искуство, играјќи во неколку земји ширум светот и неговото доаѓање во Битола значи голем стимул за помладите ракометари.