Тренерот на Еурофарм Работник, Иван Марковски спортски го призна поразот од 24-21 на неговиот Еурофарм Работник од Пелистер и потврди дека со толку промашени зицери не може да се победи ни многу послаба екипа, а камо ли овој Пелистер.
„Заслужена победа на Пелистер, ние имавме добри моменти, но се уплашивме од победата и одговорноста ја преземаме јас и Александар Зарков. Со толку промашени зицери и седмерци, не може да се победи многу послаба екипа, а не Пелистер кој е многу квалитетна екипа. Пофалби за битолската публика и добро е што на премиерата видовме одлична посета. Нема тајни меѓу двете екипи и се очекуваше ваков развој на настаните, но пак ќе потенцирам дека потфрли средната бековска линија и во иднина треба тоа да го поправиме. Но, мора да бидеме реални, ова е ново за нас и верувам дека од натпревар во натпревар екипата ќе се подига. Треба да учиме од грешките и тоа да го исправиме во иднина. Мислам дека некои ракометари подлегнаа на притисокот, позната е армијата на навивачи на Пелистер и тоа ние го почувствувавме“.
Ракометарите на Еурофарм Работник имаат доволно време да ги извлечат поуките од овој пораз и да тргнат во победничка серија во Суперлигата.