Ракометарите на Еурофарм Пелистер попладнево со лет од Скопје до Будимпешта патуваат до Веспрем каде треба да го одиграат следниот натпревар во Лигата на шампионите.
Дуелот се игра утре, а противник им е вицешампионот на Унгарија што ќе биде сериозен тест за екипата на новиот тренер Раул Алонсо. По нерешениот резултат на домашен терен во Битола против Фредериција, за битолчани најважен е дуелот со Висла кој ќе се игра на 4 декември во Битола, но битолчани ниту во Унгарија не одат со кренато бело знаме.
Раул Алонсо
(тренер на РК Еурофарм Пелистер)
Веспрем е меѓу најдобрите екипи во Европа со години, имаат долга историја и супер-екипа покриена со играчи од светска класа. Не е лесно да се подготват сите детали за овој натпревар. Имаме три дена за подготовка и ќе се припремиме најдобро. Тешко е да се игра пред фановите на Веспрем, гледачите вршат голем притисок и многу е важно да бидеме најдобри и со добар пристап. Одиме таму за да бидеме во секој дел од натпреварот на висината на задачата. Да го намалиме играчкиот недостаток на минимум.
Чави Пасквал е мој познаник со години и чест е да се игра против него. Сум играл неколкупати против неговите екипи и сите знаат дека е меѓу најдобрите тренер во светот. Освои многу трофеи со Барселона и тоа ќе биде голем предизвик за мене.
Дејан Манасков
(РК Еурофарм Пелистер)
За мене ова е прво враќање по заминувањето од Веспрем и специјален натпревар за мене. Ќе биде тешко, но ќе се бориме и ќе се обидеме да им отежнеме и ако се укаже прилика и да извлечеме позитивен резултат. Деновиве се спремаме специјално за Веспрем и верувам во добар натпревар.
Шансите за осминафинале се тука, ќе се бориме за бодови на секој натпревар и добро е што сите опции зависат од нас. За мечот со Висла ќе бидеме уште поспремни и работите кои ги бара новиот тренер ќе бидат појасни. Ќе се воиграме и верувам дека ќе ја минеме групата.
Веспрем има на секоја позиција ракометари од светска класа, имаат ротација и проектирани се за големи работи. Играњето за Веспрем значи битка за освојување на сите трофеи, па и годинава е така. Играат на домашен терен и тешко е да се игра во таа сала. Публиката е гласна, но спортски е да се надеваме и да се бориме до последниот атом од силите.
Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер му гостува на унгарскиот гигант Веспрем, а ЕХФ делегираше судии од Австрија. Станува збор за Денис Болиќ и Христоф Хурих, додека делегат на овој натпревар ќе биде Леополд Калин од Словенија.