Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер по пауза од две децении ја запиша првата победа во ракометната Лига на шампионите, а премиерна во овој формат. На гостувањето во Одензе, Еурофарм Пелистер со одлична игра во второто полувреме го совлада домашниот состав на Фредериција и се искачи на шестата позиција на табелата во групата А.
По средбата своите импресии од натпреварот ги искажа привременото решение на тренерската позиција, Звонко Шундовски.
„Сакам да му честитам на мојот тим за победата. Одигравме одлично, славевме над квалитетна екипа. Ова не беше натпревар без грешки, особено ги имавме во првото полувреме, но во тој период трипати се вративме од негатива од три гола. Во вториот дел одигравме како тим, и затоа уште еднаш сакам да им честитам на момците. Верувам дека овде нема да застанеме. Работевме напорно за да стигнеме до овој резултат“, рече Шундовски.
Никола Митревски кој натпреварот го заврши со 15 интервенции, го апострофираше тимскиот дух на екипата.
„Честитки до соиграчите за победата. Во првото полувреме не бевме на посакуваното ниво, но, сепак покажавме борба и бевме добри во транзиција. Додека во второто полувреме заигравме многу подобро и така остана до самиот крај“, рече капитенот на Македонија.
За три недели, по ЕХФ неделата, овие две екипи повторно ќе се сретнат, но овој пат во Битола. Претходно, в сабота попладне во домашната Суперлига пелистерци ќе гостуваат кај Бутел.