Унгарскиот претставник во европската Лига на шампиони, Веспрем во Битола стигна до победа против Еурофарм Пелистер со 23-30 (12-17). Македонскиот шампион даде отпор во првиот дел од натпреварот, во 23. минута стигна до негатива од само два голови (12-14), а потоа седум минути пелистерци не постигнаа гол. Искусниот противник од минута во минута го зголемуваше водството и во најголем дел од натпреварот имаше предност од седум голови, која ја задржа до крајот на средбата.
По натпреварот, Алексо Лембанов говореше за средбата во „Боро Чурлевски“.
„Општо познато во ракометот е дека игравме против една од екипите која е фаворит за титулата во Лигата на шампионите. Чест беше за сите нас да играме против таков ривал и да покажеме тоа што знаеме. Точно е дека времето беше кратко, во еден ден подготвувавме меч и заздравувавме од претходниот. Веспрем имаше добра транзиција од одбрана во напад и ни направи доста проблеми во таа транзиција, додека во поставена зона бевме сосема коректни. Повторно се провлекоа грешки од минатото, во име на техничките грешки и загубените топки“, изјави Лембанов.
Во име на Еурофарм Пелистер по натпреварот се огласи младиот Петар Атанасијевиќ.
„Како што кажа тренерот Лембанов, игравме против тим кој е еден од најсилните во Европа, што е конкурент за освојување на Лигата на шампионите. Беше чест да се игра против Веспрем. Дадовме се од себе, иако имавме еден ден подготовка. Би сакал да се заблагодарам што публиката дојде на овој натпревар и не поддржа“, изјави Атанасијевиќ.
Следната недела „зелено-белите“ гостуваат во Данска кај Фредериција.