По освоениот бод против Спортинг Лисабон во Лигата на шампионите, ракометарите на Еурофарм Пелистер се вратија на победите во домашниот шампионат. Охрид целосно беше надигран во Битола, иако дојде во добра форма и со серија од шест победи на шест натпревари.
Гостите успеаја да парираат во почетниот дел од мечот, па дури и водеа, но фаворитот брзо фати победнички ритам и мирно го контролираше резултатот. Еурофарм Пелистер се одлепи на 14-9 на полувреме и стана јасно дека ги диктира случувањата на теренот, па иако дозволи мало враќање на Охрид, сепак не дозволи изненадување.
Капитенот Филип Кузмановски со десет голови беше вистински лидер на пелистерци, а одличен беше и Павле Атанасијевиќ со четири погодоци и тоа сите во второто полувреме. Кај Охрид се истакнаа Ојлески и Матцуока со по пет гола. Конечната победа од 25-22 значи дека Еурофарм Пелистер го запиша шестиот триумф во Суперлигата лига, исто колку што има и Охрид по седум одиграни рунди.
Ракомет
Суперлига 2024/25
Седмо коло
Еурофарм Пелистер - Охрид 25-22 (14-9)
Спортска сала „Боро Чурлевски“ - Битола
Гледачи: 2.500
Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов
Еурофарм Пелистер:
Митревски, Ивиќ, Манасков 3, Цехте 1, Ристевски 2, Кузманоски 1, Борзаш 1, Радивојевиќ 1, Кузмановски 10, Абутовиќ, Ѓорговски, Петровиќ, Пешевски, Хосни 1, Хаџиќ 1, Пав. Атанасијевиќ 4
Седмерци: 3/3
Исклучувања: 4 минути
Охрид:
Чаневски, Ѓоргоски, Ојлески 5, Матцуока 5, Јукиќ 2, Шипинковски, Тасески 1, Сафранко, Јотиќ 3, Кукоски, Крстевски, Пешиќ, Кукуловски 1, Орјоканидѕе 1, Бојаниќ 2, Цирар 2
Седмерци: 1/1
Исклучувања: 12 минути
Веќе в четврток ракометарите на Еурофарм Пелистер патуваат за Полска на дуел против Висла Плок во рамките од петтото коло на Лигата на шампионите.