Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре ги очекува третиот предизвик во Лигата на шампионите. Гостување во Букурешт на Динамо е на „менито“ на „пелистерци“, во обид да дојдат до првиот триумф.
Од таборот на македонскиот шампион, го респектираат противникот, и најавуваат дека ќе дадат максимум за добар резултат на крајот.
Бранислав Ангеловски
(тренер на РК Еурофарм Пелистер)
Ни следи исклучително важна недела. Повторно сме во Лигата на шампионите и гостуваме кај сериозен противник, романски претставник и клуб кој има буџет од 8,9 милиони евра. Таму има играчи кои настапуваа за Барселона и неслучајно Динамо Букурешт има две победи од два натпревари во групната фаза. Одиме со позитивна енергија, да дадеме максимум и нема да се штедиме. Ќе покажеме максимален труд и ќе се надмудруваме со нив.
Динамо Букурешт е државен проект и исклучително напредуваше со шпанската школа на тренери. Неслучајно се 8,9 години шампиони на Романија. Секоја година напредуваат и собраа бодови да играат директно во Лигата на шампионите. Ги имаат најдобрите романски играчи и добри и квалитетни странци.
Павле Атанасијевиќ
(РК Еурофарм Пелистер)
Ни следат два тешки натпревари. Се спремаме за Динамо Букурешт, напорно работиме и верувам дека ќе одиграме во рамките на нашите можности. Имаат многу интернационалци, играат модерен ракомет и ќе биде тешко да се игра против нив. Сепак, максимално и до секој детаљ се подготвуваме. Нашите навивачи насекаде нè бодрат, па така ќе биде и во Букурешт. Ќе се обидеме да ги израдуваме.
Овој натпревар е прво соочување на македонскиот првак со романски ривал во Лигата на шампионите во овој формат.