Ракометарите на Еурофарм Пелистер вчера се вратија од Добој и од серијата турнири на кои настапија во месец август. Со осум турнирски натпревари во две недели, македонсккот шампион ја воигруваше екипа и стручниот штаб има јасна слика за квалитетите на ростерот. Тренерот и капитенот на прес-конференција открија како мина период на воигрување.
Бранислав Ангеловски
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Турнирите беа одбрани од мене и стручниот тим. Задоволство беше да се игра на трите квалитетни турнири. Нашата замисла беше да направиме некоја ситуација која ќе нè чека годинава. Првенството ќе биде тешко, но и доста поинтересно. За системот натпреварување среда-сабота мораше да се подготвиме и да го изменаџираме со овие припреми, со многу пријателски натпревари со различен итп на екипи.
Презадоволен сум од прикажаното. Можеби овој висок пораз од Загреб дојде како последен тест, но се насобра целото отсуство од дома и натпреварите ден за ден. Набрзо мислам ќе се заборави со мечот во Суперкупот против Алкалоид.
Филип Кузмановски
(капитен на Еурофарм Пелистер)
Среќен сум што навистина по тешки припреми сите сме здрави. Со мала повреда на Тајник, што мислам дека на последните натпревари се осети неговото отсуство. Добивме повеќе од младите играчи, како и лани. Мислам дека ќе имаат поголема улога годинава и ќе придонесат за екипата. Нас тие ни се потребни.
Се обидовме повеќе работиме на сегменти во одбраната кои ни недостигаа, да ги адаптираме новите играчи како Илија Абутовиќ, кој е искусен и ќе биде столб. Задоволен сум од голманите кои придонесоа и ќе придонесуваат, ќе помогнат да го исполниме планот за играта во нашиот систем.
Првиот официјален натпревар Еурофарм Пелистер го игра утре во Гевгелија, а противник ќе му биде Алкалоид во дуел од Суперкупот на Македонија.