Клубот се поистоветува со некои свои членови и тие не се само обичен дел од тимот, туку многу повеќе. Затоа нивното присуство бескрајно ни значи. Никола Митревски по три сезони во Португалија се врати во својот клуб за да продолжи да победува и освојува трофеи.
Еурофарм Пелистер е горд за потписот на најдобриот македонски голман кој доаѓа со уште три сезони во Лигата на шампионите, акумулирано искуство, квалитет и лидерство.
Капитенот на македонската репрезентација и миленикот на битолската публика ќе не поведе кон продолжување на серијата победи и трофеи.
„Секогаш е убаво кога се враќаш дома, без разлика дали кратко или долго. Оваа приказна со Еурофарм Пелистер трае и чест и задоволство е што пак имам шанса да бидам дел од екипата во која што почнав да играм, пред своите сограќани, во својот град. Во овој клуб се работи правилно, доказ за тоа е што се доби „вајлд-карта“ за Лигата на шампионите. Еурофарм Пелистер оди по правата линија кон успехот.
Ќе бидеме дел од кремот на европскиот ракомет, исто така и публиката ќе има можност да присуствува на спектакли каде секој меч е посебно доживување. Екипата е спој на домашни и странски играчи, искусни и помалку искусни. Очекувам да бидеме сплотени и сите заедно да ги оствариме клупските цели кои се пред нас“, рече Митревски.
Митревски е освојувач на сите домашни трофеи и тоа со повеќе различни екипи.