Уште се свежи спомените од неговите голови врежани во седмата национална титула. Сега, нашите навивачи пак ќе уживаат во неговиот квалитет и класа. Еурофарм Пелистер ја отвори вратата за враќање на тунискиот интернационален, Усама Хосни. Тој се врати во Битола по кратката авантура во Кувајт и мотивиран е како никогаш досега. Усама Хосни на позицијата десен бек е гаранција и адут повеќе за Лигата на шампионите и домашните натпреварувања.
„Во ростерот има доста играчи со кои играв до пред две години. Убаво е што се вратив и повторно гледам познати лица. За мене и моето семејство е многу добро што пак живееме во Битола. Се надевам дека ова ќе биде добра сезона за нас. Целта е да освоиме три титули во македонскиот ракомет, што е повеќе од минатата и предминатата сезона. Целта е да одиме што подалеку во Лигата на шампионите, да победиме натпревари. Тоа би било одлично за нас како клуб, но и Битола и навивачите.
Играњето во ЛШ е нешто неверојатно, да бидеш дел и да настапуваш. Играме против врвни ракометари и тимови. Верувам во добар тимски настап. Претходно Еурофарм Пелистер чекаше 18 години за елитното натпреварување, а сега вторпат по ред сме дел од него. Сепак, за нас најважно е да се освои домашниот шампионат, Купот и Суперкупот. Лигата на шампионите е бонус, да се обидеме да победиме неколку натпревари и зошто да не ја минеме групата. Ќе го дадам својот максимум да му помогнам на клубот“, изјави Хосни.
Хосни има 31 година, освојувал злато, сребро и бронза на Африканското првенство со Тунис, а голем дел од кариерата минал во Франција.