Кога во тимот имате роден шампион таа енергија може да ја пренесе на целиот тим. Нема предизвик кој не го прифатил и остварил. Освојувач е на Лигата на шампионите, играл цо двете најсилни лиги во Европа, долги години беше дефанзивен лидер во српската репрезентација. Срдечно добредојде за Илија Абутовиќ, кој има уште цели за остварување - првата е да триумфира во градот на ракометот. Српскиот „џин“, кој неодамна наполни 36 години, изгледа како долго да е со нас, а не само десетина дена. Со него и квалитетот и искуството и српската колонија во нашиот клуб ќе расте.
„Многу сум среќен што се вратив во Македонија и што повторно ќе играм во Лигата на шампионите со еден македонски тим. По тоа што го гледам, мислам дека ќе имаме добра и борбена екипа, со два добри голмани. Се надевам дека ќе извлечеме добар резултат во домашното првенство и Лигата на шампионите. Цело време ги читам македонските медиуми, гледам натпревари. Го следев и македонското првенство, особено дерби пресметките. Ми се допаѓа што лигата е многу поправена и посилна, делува дека е апсолутно израмнето со четири-пет одлични екипи.
Ми делува дека ќе бидеме „тврд орев“ за сите и во Лигата на шампионите, особено дома. Мора да бидеме борбени и се надевам дека ќе направиме нешто добро“, изјави Абутовиќ.
Заедно со соиграчите Абутовиќ веќе неколку дена е во српскиот град Златибор, каде шампионот на Македонија се подготвува за новата сезона.