Од оваа сезона наш нов член е хрватскиот репрезентативен голман Филип Ивиќ. Голот на Еурофарм Пелистер ќе го чува искусен и проверен голман, кој низ професионалната кариера настапувал во ракометни земји како Хрватска, Полска, Германија, Словенија, Франција. 31-годишниот Ивиќ е загрепчанец и изданок на школата на поранешниот европски првак Загреб. Освен за матичниот клуб менуваше искуства во повеќе шампионати. Три сезони играше во Киелце, по една во Гумерсбах и Целје Пивоварна Лашко и две во Шамбери.
„Веќе разговарав со дел од соиграчите и им кажав дека веднаш во Битола се чувствувам како дома. Тоа за нас играчите во странство е многу важно. Екипата е супер, добро се работи. Со доста од ракометарите тука веќе сум играл, дали заедно или против нив. Битола е преубав град, луѓето се љубезни и сега се уверив во тоа. Сигурен сум дека тука ќе минам две убави години.
Еурофарм Пелистер долги години е во врвот на македонскиот ракомет. Пред неколку години имаше тука доста хрватски играчи и тренерот Бабиќ. Ми се допаѓа што Македонија вложува во ракометот, лигата секоја година е се посилна. Конкуренцијата е засилена и со самото тоа патот до трофеите е отежнат. Го следам Пелистер долга низа години, мило ми е што дојдов да помогнам колку што можам и да освојам што е можно повеќе трофеи.
Лигата на шампионите е „шлагот на тортата“, по мене за секој играч треба да биде чест што ќе игра во ова натпреварување во Битола. Велат дека групата е послаба од другата, но мора да се нагласи дека во Лигата на шампионите нема слаби противници. Видовте и минатата сезона дека е тешко да се игра било каде. Оваа екипа ја заслужува и првата победа. Јас и сите во екипата заедно со поддршката од трибините се надевам ќе дојдеме до неа“, рече Ивиќ.
Своето деби во новата средина Ивиќ ќе го има на Суперкупот на Македонија против Алкалоид на почетокот на септември.