Ракометарите на Еурофарм Пелистер денеска ги почнаа подготовките за сезоната 2024/25 сезона. Во спортската сала „Боро Чурлевски“ тренерот Бранислав Ангеловски и неговиот стручен штаб ја направија првата прозивка. На првиот собир се појавија сите ракометари, освен Нејц Цехте, кој е со словенечката репрезентација на Олимписките игри во Париз, додека Ненад Костески заздравува од повредата на коленото, но присутен е со тимот.
Ангеловски потврди дека екипата не е комплетна и вети сезона со атак на сите домашни трофеи.
„Ќе бидеме подготвени во новата сезона. Ни претстои тешка сезона, нашите цели се секогаш високи. Самото име Пелистер и армијата навивачи која стои зад нас дава сила за да можеме да ги оправдаме очекувањата. Амбициите се знаат, во Македонија се цели кон сите трофеи, а во Европа да се покажаме во што подобро светло и да ја заборавиме ланската сезона.
Припремите ќе ни бидат во три фази. Првата фаза е во Битола, јас тоа го побарав за самите играчи да ја почувствуваат атмосферата во градот. Потоа одиме на Златибор каде што ќе ги имаме базичните припреми со 12 дена. Последната фаза ќе бидат натпреварите на турнирите, прво во Струга, па одиме во Турција и на крајот во Добоj.
Првенствено екипата е посилна за тие што останаа, а тоа е голем дел од тимот. Сите играчи кои заминаа од клубот, на нивни места се доведени подобри. Потребни ни се уште два до три ракометари за кои сме во потрага, пред се мислам за голман и кружен напаѓач, можеби и некој во надворешната линија“, откри тренерот.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе тренираат во Битола до 4 август, кога ќе заминат на подготовки на Златибор.