Од 14 до 16 јуни 2024 година ќе се одржи третиот по ред меморијален турнир „Марко Божиновски 9“ посветен на прерано починатиот Марко, кој ненадејно почина во сон од ненадеен срцев застој. Младата екипа на Еурофарм Пелистер ќе земе учество на турнирот, заедно со Вардар 1961, Алкалоид, Бутел Скопје, Морнар од Црна Гора, Војводина од Србија, Конјух од БиХ и унгарскиот СЗКЦ.
„Оваа година, со поддршка од сите вас, започнуваме нов проект – опремување на спортски клубови ширум Македонија со мерачи на срцевиот ритам. Наша мисија е да обезбедиме што е можно повеќе мерачи за што е можно повеќе спортски клубови во Македонија и на тој начин да се осигураме дека нашите млади спортисти се дополнително заштитени од кардиолошки проблеми. Се обраќаме до сите, бидејќи самите ние не можеме ова да го изведеме, би ни требале години ако не и децении да стигнеме до целта. Сакаме да знаете дека со вашата донација, не и помагате само на работата на Фондацијата, туку директно на нашите млади, а Фондацијата постои за да живее младината и младоста.
Вашата поддршка директно ќе придонесе за сигурноста и здравјето на нашите млади спортисти, со потребната опрема за следење на работата на срцето и срцевиот ритам за време на тренинзите и за време на натпреварите. Доколку и Марко носеше мерач на последниот натпревар, можеби денес ќе беше сеуште помеѓу нас. Секоја ваша донација, без оглед на тоа за колкав износ се работи ќе биде од огромно значење за крајните корисници – нашата младост која е нашата иднина.
Би сакале да потенцираме дека како Фондација сме отворени за соработка со секого кој може да помогне во реализација на нашите проекти, од доктори, до спортисти, до обични позитивни хумани луѓе кој се подготвени се да направат за да помогнеме онаму каде што е потребно. Целта ни е да работиме со стручни лица кои ќе допрат до младите во врска со исхраната, потребниот одмор, потоа едукација на родителите кои се клучни во спортскиот успех на своите деца. Животот е преубав, но за да можат нашите деца да уживаат во него треба да се здрави, здраво и редовно да се хранат, одмараат и редовно да се прегледуваат. Обврска ни е на сите да ги научиме да не игнорираат некои симптоми, кои навидум се небитни, а можат да бидат фатални.
Овој турнир го организираме во чест на Марко, но и во нивно име и за нивно здравје, со надеж дека ќе победат солидарноста и хуманоста. Помогнете ни да создадеме сигурно опкружување за нашите млади. Вашето малку, на некого може да му значи многу, а заедно можеме се’.
Во наше име и во име на младите спортисти, ви благодариме за поддршката и добрината“, велат во соопштението родителите на Марко, Ристе и Александра Божиновски.