Еурофарм Пелистер остана без освоен бод и по натпреварот против Алборг во рамките од 13. коло во Лигата на шампионите. Битолскиот тим не можеше да парира на Данците кои славеа победа од пет разлика (28-33).
На срдбата со новинарите зборуваа тренерот Ангеловски и кружниот напаѓач Пешевски.
Бранислав Ангеловски
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Честитки за противникот за заслужената победа. Одигравме одличен натпревар. За да се победи тим како Алборг треба ние да дадеме 100% од нашите можности, а противникот да нема свој ден. Но, тоа не се случи и Алборг покажа зошто со Кил се најдобрите екипи во оваа група. Исто така, сакам да им се заблагодарам на нашите навивачи, за нивната поддршка во текот на сите шеесет минути. Тие ни беа „ветер во грб“, кој ни е многу важен. Честитки и до моите момци за одличното издание. Верувајте не е лесно да се игра во ритам среда-сабота и со патувања и со многу силни противници. Вечерва имавме и неколку промашени зицери и технички грешки, кои доколку игравме против послаба екипа немаше да се почувствуваат, но Алборг ги искористи сите наши грешки.
Жарко Пешевски
(РК Еурофарм Пелистер)
Сакам да му честитам на противникот за извојуваната победа во оваа пеколна арена. Мислевме дека Алборг ќе потпадне на притисокот, но сепак, се работи за ѕвезден тим кој одиграл многу вакви натпревари. Покажаа дека се подобар противник. Сметам дека за разлика од другите натпревари ова беше нашето најдобро прво полувреме оваа сезона во Лигата на шампионите. Игравме егал во сите триесет минути, а потоа отворивме лошо, Алборг ги казни нашите грешки и потоа не дозволи да се вратиме во игра. Наша задача поради овие прекрасни навивачи е да одиграме максимално и на последниот натпревар во Норвешка.
Еурофарм Пелистер имаше исполнета сала на сите седум натпревари во групата, со што е меѓу најгледаните екипи во сезоната на Лигата на шампионите.