Македонскиот ракометен шампион, екипата на Еурофарм Пелистер, утре вечер ќе го продолжи настапот во Лигата на шампионите и тоа со гостување кај германскиот гигант Кил (18:15 часот), па во пресрет на оваа средба тренерот Бранислав Ангеловски и голманот Урбан лесјак ги искажаа своите очекувања.
Бранислав Ангеловски
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Одиме на гостување кај голем гигант кој потекнува од државата каде ракометот е светост. Кил е клуб со огромна традиција, но оваа година не им „цветаат рози“ во домашното првенство. Секако дека нивниот фокус е освојување на титулата во Лигата на шампионите, играат врвен ракомет и силни се во сите сегменти во играта. За нас ова е голема шанса да видиме колку сме блиску или далеку од нив и ќе имаме можност да сфатиме каде мора да напредуваме ако сакаме да се носиме со гигантите во иднина. Посакувам натпреварот да биде сличен како оној со ПИК Сегед во Битола, тука покажавме дека можеме да играме со силните екипи. Бевме некако во грч и можеби не верувавме дека сме способни за позитивен резултат. Бевме блиску и до реми и до победа, но за жал тој грч на крајот се покажа како клучен за поразот. Ќе биде интересно, Кил атакува на „фајнал-фор“ во Келн и за нас ова ќе биде огромно искуство.
Урбан Лесјак
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Играме во најракометната земја во Европа. Имаат најдобра лига, екипите се силни, салите им се секогаш полни, па така ќе биде и во Кил. Одиме со ист мотив и сакаме да се претставиме подобро од првиот натпревар во Битола. Овој меч ќе биде одлична можност за нас. Покажавме и на првиот меч дека можеме да се надигруваме со нив. Загубивме со три разлика, но мислам дека дуелот се одлучуваше „на една топка“ и жал ми е што не извлековме подобар резултат тогаш. Ќе отидеме во Германија со иста желба за претставување во најдобро можно светло. Многу нешта ќе зависат од нас, мораме „машки“ да влеземе во секој дуел, да не се плашиме од ништо. Само така можеме да бидеме во егал и да се надеваме на нешто големо. Вербата и желбата мора да постојат од првата секунда, а потоа сѐ е можно. Физички сме во солидна кодиција, иако некогаш малку преовладува заморот. Сите сме искусни и ова темпо не е непознаница за играчите“, вели словенечкиот голман.