Ракометарите на Еурофарм Пелистер не успеаја да приредат изненадување во Битола и забележаа пораз во дуелот со фаворизираниот ПСЖ (25-31) во натпревар од Лигата на шампионите.
Спектаклот пред полни трибини во Битола го анализираа тренерот Ангеловски и средниот бек Марио Танкоски.
Бранислав Ангеловски
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Задоволство е да се биде тренер на овој клуб, да се води оваа група на играчи и да ја чувствувате енергијата на нашите навивачи. Искрено, на крајот се уверивме во јачината на секој поединец на ПСЖ. Би сакал кога веќе е пораз, да биде подостоен. На крајот мислам дека можеби можевме и пониско да загубиме, доста промашивме. Не знам дали е до нашата концентрација или квалитетот на противничките голмани. Во првиот дел Јаник Грин имаше десет одбрани. Со таков голман, а во второто полувреме влезе и Паличка со пет-шест, екипа која има такви поединци е тешко да се победи. Одигравме натпревар во кој сум горд на моите ракометари. Бевме подобри од дуелот со Вардар, ама разликата во квалитетот беше видлива. Посакувам само добро здравје и мислам ќе се радуваме на нови победи.
Марио Танкоски
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Лошиот влез во натпреварот не чинеше многу. Потоа цело време бркавме резултат. Против екипа како ПСЖ, тоа е тешко. Тие се екипа од светски калибар имаат тројца европски прваци, имаше и сребрени и бронзени... Промашените пенали исто така не чинеа за попристоен пораз. Сите дадовме максимум и се боревме, а резултатот е горе-долу реален.