Македонскиот шампион, Еурофарм Пелистер го најави натпреварот против големиот Пари Сен Жермен во рамките од четвртото коло од Лигата на шампионите.
Тренерот на тимот, Александар Јовиќ порача дека овој натпревар ќе биде одлична можност за промоција на Еурофарм Пелистер и Битола. За Марио Танкоски, францускиот тим е еден од двата најдобри во групата, а Раул е најдобар светски тренер.
Александар Јовиќ
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Играме против екстра-квалитетна екипа, нè чека тежок натпревар и одлична можност за промоција за клубот и градот. Ќе направиме сè да се прикажеме во најдобро светло. Играме против екипа која редовно игра на „фајнал-фор“ на Лигата на шампионите. ПСЖ преферира брза игра, имаат одлична транзиција, но ние ќе се обидеме да наметнеме наша игра. Како што игравме и против Кил, ќе пробаме да ги сведеме на што е можно помалку голови. Нè радува што евидентно растеме и ова е одлична можност тоа да го потврдиме. Тренираме во полн состав, Тајник се враќа во тимот и мотивирани сме за дуелот в четврток.
Марио Танкоски
(РК Еурофарм Пелистер)
Многу ни значи тоа што одигравме одличен натпревар против Кил. Влијае тој натпревар на самодовербата, иако не победивме, а имавме можност за тоа. Се подигнавме психички, па тоа ни е добредојдено за следните предизвици.
ПСЖ е најсериозен испит сезонава. Заедно со Киелце, сметам дека нашиот следен противник е најсилната екипа во групата, па и во Европа. Го имаат најдобриот тренер во светот – Раул Гонзалез. Променет им е составот од минатата сезона, им треба време да се воиграат, но имаат екстра-квалитет. Сепак, се екипа од дваесет милиони евра, тука е голема разликата со нас. Треба да одиграме најдобро што можеме, па што биде, нека биде.
Октоври и ноември се најтешки месеци во сезоната, но веќе сме во тој ритам и само да сме здрави и да не избегнат повредите, ќе ги исполниме целите.
Пелистерци утре патуваат во Париз и ќе одржат тренинг во вечерниот термин.