По двата убедливи порази на стартот од групата А во ракометната Лига на шампионите, во третото коло Еурофарм Пелистер покажа многу подобра игра и тоа против еден од најдобрите клубови во Европа, германскиот првак Кил. Бундеслигашкиот гигант во салата „Боро Чурлевски“ во Битола не помина лесно како што очекуваше, само неколку топки, грешки во нападите во текот на мечот одлучија на крајот Германците со своето искуство да триумфираат на крајот само со 20-23.
На прес-конференцијата зборуваа тренерот Јовиќ и средниот бек Тајник.
Александар Јовиќ
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Сакам да се заблагодарам на нашата верна публика, која што нè бодреше во текот на целиот натпревар, а воедно да им го честитам роденденот на „Чкембари“, која е најдобрата ракометна навивачка група во целиот свет. Се покажавме во одлично светло и тоа против, според мене, најдобриот тим во Европа. Мислам дека париравме во текот на сите шеесет минути, ни се пружи шанса за бод или победа, но не успеавме. Тоа се должи на нашето неискуство. Имавме промашени зицери и технички грешки во финишот и тоа ѕвездиете на Кил го казнија.
Од овој натпревар ќе добиеме поголема самодоверба и пак ќе нагласам дека нашиот пријател ќе биде времето. Ние сме нова екипа и на сите ни треба време за подобро да се запознаеме и да направиме нова прекрасна приказна во Битола.
Домен Тајник
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Сакам да им се заблагодарам на сите навивачи кои што дојдоа да нè бодрат. Беше одлично да се игра на ваква атмосфера. Знаевме што значи Кил во ракометот - еден од најдобрите ракометни клубови во Европа. Мислам дека го одигравме еден од најдобрите натпревари оваа сезона. Ние сме нова екипа и навистина ни треба време за да се воиграме. Ако продолжиме вака мислам дека можеме да го победиме кој било тим во Лигата на шампионите во Битола. Пред ваква публика е многу полсено да се игра.
Ова беше прв меѓусебен дуел на Еурофарм Пелистер и Кил, а возвратниот натпревар е во февруари следната година во Германија.