Младиот битолски ракометен клуб ХЈС Работник уште не влегол во Супер лигата, а веќе размислува и крои планови поврзани со високи амбиции. Имено, клубот кој е лидер во Првата лига и скоро сигурно ќе влезе во Супер лигата, за следната сезона го осигура потписот на еден на најталентираните ракометари во нашата земја Филип Чурлевски.
Екипата на Зарков и Марковски за следната сезона добива плејмејкер со неколку годишно искуство во Супер лигата и име кое треба да е само почеток на засилувањата. Филип Чурлевски, кој е син на прославениот ракометен ас, Боро Чурлевски, потпиша договор на една сезона како слободен ракометар, откако се наоѓа на истек на тековниот договор со Вардар Јуниор.
Се работи за 24-годишен ракометар кој првите чекори ги направи во Пелистер, а по две сезони под палката на Пепи Манасков, ќе се врати во родниот град, но сега во дресот на амбициозниот ХЈС Работник.