На прес-конференцијата по поразот на Еурофарм Работник од Татабања, своето разочарување не го криеја тренерот и капитенот на битолскиот клуб.
Ѓорѓе Чирковиќ
(тренер на Еурофарм Работник)
Не сакам да работам во екипа, што вака реагира. Можеби сум преемотивен, но јас така ова го доживувам. Ниту една моја екипа не одиграла вака, без борбеност, без жар. Ако излезеа на терен и дадеа се од себе, ќе им беше простено. Никој во таква ситуација не може да ти замери. Не треба посебна мотивација кога играш пред ваква публика. Па сепак, се обидов со некои екстра тактички методи, да го мотивирам тимот. Но, очигледно без успех.
Гоце Ојлески
(капитен на Еурофарм Работник)
Цела недела се подготвувавме, а на крајот како да немавме желба кога излеговме на теренот, што е недозволиво. Немавме течна игра, а со такво издание не може да се надевате на успех. Се што можеме е да им се извиниме на битолските навивачи кои дојдоа да ни дадат поддршка, а си заминаа разочарани.
Најдобар стрелец кај Еурофарм беше Остроушко со девет погодоци, а кај Татабања по пет гола постигнаа Вујовиќ, Јухаж, Роста и Григораш.