Еурофарм Пелистер се подготвува за дуелот против Висла Плоцк, кој е во рамките на Лигата на шампиони. Македонскиот првак игра на домашен терен, а билетите за овој натпревар веќе одамна се пуштени во продажба.
Мечот со полскиот тим ќе биде прв во Лигата на шампионите за Стевче Алушовски во кам-бекот на клупата на битолчани. Свесен е за квалитетот на противникот, но најави максимална борба потенцирајќи дека Пелистер е секогашн конкурентен и против најсилните кога игра пред своите навивачи.
Стевче Алушовски
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Чест и задоволство ми е што пак сум тренер на матичниот клуб Пелистер. Кога овој клуб ве повикува, нема размислување, веднаш го прифаќате предизвикот, а тоа значи домашно првенство и Лига на шампиони. Првиот меч против Висла ќе биде исклучително тежок. Ова е екипа која играше извонредно и е третопласирана во групата. Игра цврст ракомет, со добра одбрана и одлична транзиција. Моите очекувања се со техничка дисциплина и тимски дух, сплотеност и заедништво да извојуваме позитивен резултат. Ги знаеме добрите и лошите страни на Висла. Се надевам на извонредна атмосфера, па со помош на нашите навивачи да дојдеме до успех. Мислам дека во периодот зад нас имавме мали кадровски проблеми. Пред се мислам на репрезентативците кои долго беа отсутни. По нивното враќање имавме мали проблеми со повреди. Павле Атанасијевиќ беше повреден, а Словенците доцнеа повеќе од другите. Имавме доволно време за подготовка, оваа екипа тренирала заедно шест месеци пред моето доаѓање. Не изменивме многу, туку само додадовме некои елементи за да се подобриме, пред се за натпреварот со Висла. Низ една позитивна и добра работна атмосфера сакаме да се покажеме во добро светло прво против полскиот ривал, а потоа и во домашното првенство. Сакам да ги повикам навивачите да дојдат да не бодрат, а нашиот тим ќе возврати со добра и пожртвувана игра.
Дејан Манасков
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
После подолго време се враќаме во Лигата на шампионите. Пред нас е еден многу тежок натпревар, во специфичен момент за екипата. Имаме нов тренер, но се трудиме да бидеме максимално подготвени за предизвикот. Работиме на усовршување на деталите за кои сметаме дека можат да го одлучат натпреварот и се надеваме дека можеме да победиме пред нашите навивачи. Висла игра многу агресивно во одбраната, нивните халфови излегуваат многу високо, затоа ќе мораме да имаме брз проток на топката и солиден напад во простор без топка. Ако дозволиме да прават многу фаули и прекини на играта, мислам дека ќе биде доста тешко за нас. Мораме да имаме одлична дефанзива и да знаеме што сакаме во нападот.
Правдата на средбата во „Боро Чурлевски“ ќе ја делат Томас Барисас и Повилас Петрусис. Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Висла Плоцк се игра на 19 февруари со почеток од 20:45 часот.






