В четврток на 6 март ракометарите на Еурофарм Пелистер ќе го одиграат својот последен натпревар оваа сезона во ЕХФ Лигата на шампионите. Македонскиот првак ги загуби шансите за пласман во плеј-офот, во Битола од 20:45 часот доаѓа ПСЖ кој пак се бори за второто место во групата А кое обезбедува директно место во четвртфиналето.
На прес-конференцијата пред натпреварот зборуваа Урош Борзаш и Филип Ивиќ.
Урош Борзаш
(РК Еурофарм Пелистер)
Оставаме зад нас тежок период. Мислам дека бевме добри, ги победивме важните натпревари против Алкалоид, Охрид и Динамо Букурешт. За жал се испостави дека нема да ја поминеме групата во Лигата на шампионите. Дуелот против ПСЖ в четврток е празник за луѓето во Битола, бидејќи ни доаѓа една од најдобрите светски екипи. Треба да се покажеме во вистинско светло, да дадеме максимум како и на сите натпревари досега и да се обидеме да победиме. Знаеме дека ПСЖ ќе дојде мотивиран во Битола, бидејќи важно им е да завршат второпласирани во групата и директно да се пласираат во четвртфинале. Ќе дојдат во најсилен состав и со мотив да победат.
Последните натпревари против ПСЖ покажаа дека добро играме против овој тим. Одигравме храбро и не го респектиравме ривалот на првиот дуел сезонава. Така треба да бидеме и в четврток и да ги искористиме нашите шанси и нивните слаби страни.
Сакам да се заблагодарам на атмосферата во Лигата на шампионите оваа сезона. Навистина ги имаме најдобрите навивачи во Европа, салата е веќе распродадена в четврток и верувам дека фановите пак ќе бидат со нас.
Филип Ивиќ
(РК Еурофарм Пелистер)
Натпреварот нема голем значај, но морама да го оставиме срцето на терен, посебно заради прекрасната публика која ни дава поддршка цела сезона. Еве пак е распродадена салата за натпреварот против ПСЖ, што е убаво да се чуе. Сезонава играме многу добро во Лигата на шампионите, собравме осум бодови, така да ветувам дека ќе оставиме срце на терен. ПСЖ е една од најдобрите европски екипи, многупати сум играл против овој тим и добро ќе се подготвиме. На последните натпревари покажавме дека можеме да играме против големите екипи и со добра тактика во нападот и борбеност во одбрана, верувам во квалитетен натпревар.
Овој натпревар треба да ни биде награда за оваа сезона и за тоа што собравме осум бодови во квалитетно одиграни натпревари. За нас овој натпревар има големо значање и сакаме да покажеме дека никој не е фаворит во Битола.