b_640_480_16777215_00_images_vesti_2022_02_babic_nim.jpg

Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре ги очекува првиот предизвик во европската ракометна лига од продолжението на сезоната. Француски Ним е следен предизвик за избраниците на тренерот Жељко Бабиќ кој има проблеми со болни ракометари, сепак верува дека неговиот тим ќе биде многу подобар од оној кој загуби во Битола пред четири месеци.

„Сигурно дека добродојдени беа натпревари кои ги игравме месецов. Еден од проблемите е што не бевме комплетни и не можевме да вежбаме што подготвивме. Сепак, во секој случај добро е што игравме и тоа ќе ни помогне против Ним. Тие се физички јака екипа, играат многу „еден на еден“ и многу трчаат. Впрочем, играат француско првенство, кое има свои карактеристики. Ние можеби го одигравме најлошиот натпревар против нив во првиот дел на Европската лига. Имаа изразито расположен голман, кој ни даде и три гола, и собра десет одбрани во првиот дел. Со една таква моќна екипа ние немавме шанси. Мислам дека ќе биде овојпат поинаку. Ние сме ментално многу цврсти, спремни и имаме наши шанси. Сепак, мора да бидеме спремни да играме шеесет минути, да бидеме тактички дисциплинирани, фокусирани на задачите, да бидеме цврсти во дуелите и да не заборавиме кои се нивните карактеристики. Сакаме и верувам дека можеме да извлечеме позитивен резултат. Ним е многу цврста екипа, игра „еден на еден“ и во одбрана и во напад. Имаат одлична транзиција, контра од страна на десното крило и одличен голман, кој форсира контранапади. Лесно нè победија во Битола, но потоа се мачеа во групата. Но, тоа се случува кога противниците престанаа да играат кога тие поведоа со 4-5 разлика. Моите играчи знаат дека многу важно е да продолжат да играат ако се случи резултатски пад. Резултатски пад е дозволен, но ментален и тактички пад не смее да ни се случи. Оние кои тоа го задржаа, тој ритам на играње, тие на крајот го стигнаа Ним и играа тесни натпревари до крајот.

Тоа што имаме добра залиха, не е плус за екипата. Добро е за клубот и за нашата иднина, но екипата поинаку размислува. Во потсвеста екипата знае дека направи голем дел од работата, но тоа не смее да биде крај. Јас имам обврска да ги натерам да размислуваат за следниот натпревар, а не она што се случувало во минатото. Врвниот спортист не размислува што било пред три или пет дена, фокусиран и ангажиран е да го победи следниот натпревар. Ние тоа го покажавме, еве веќе четири месеци сме без пораз. Еурофарм Пелистер ментално е цврст, со силен фокус, и без разлика на постигнатото, ние имаме уште многу да играме. Треба да играме за титули и да оствариме добра позиција во групата, па потоа до каде што ќе стигнеме. Добро е што остваривме големи работи во Европската лига, но сега треба да играме за тоа за што дојдевме. А тоа е да освоиме уште некој трофеј, или можеби два, и да стигнеме што е можно подалеку во Европската лига, бидејќи имаме добра шанса за тоа“, вели хрватскиот стручњак.

Во рамките од седмото коло во групата Д утре се играат уште натпреварите Татабања - АЕК Атина и Кадетен Шафхаузен - Спортинг Лисабон.

sponzori 2023 2024

За нас

На ден 29.11.2019 во општина Битола беше потпишан договорот ,,ПЛАТФОРМА ЗА РАКОМЕТНА БИТОЛА’’, со што и официјално Битола го доби клубот РК Еурофарм Пелистер.

Договорот го потпишаа претставници на двата клуба и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска во просториите на Општина Битола.

Еурофарм Пелистер ќе биде водечкиот клуб со високи европски амбиции, а Еурофарм Пелистер 2 клуб исполнет со млади ракометари и таленти од Битола и цела Македонија.

Прочитај повеќе

Контакт

Адреса: Ул.Добривое Радосављевиќ бр.3
Битола 7000, Република Македонија

E-mail: info@rkeurofarmpelister.mk

icons8 facebook old 48 icons8 instagram 48 iconfinder youtube 834723