РК Еурофарм Пелистер ги известува новинарите и медиумските работници за медиа-активностите за време на сезоната 2024/25 во Лигата на шампионите на натпреварите на нашиот клуб.
РАБОТНА СОБА ЗА МЕДИУМИ
На денот на натпреварите во спортската сала „Боро Чурлевски“, работната соба за медиуми, сместена во малата сала на центарот ќе биде отворена два часа пред почетокот на натпреварите, а се затвора два часа по завршувањето на натпреварот. Располага со триесет места, посебен Интернет-пристап, сервисни информации за натпреварот и натпреваувањето, кафе, пијалоци, колачи...
Работната соба е тесно поврзана со прес-конференциската соба.
ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИИ
Пред секој натпревар од Лигата на шампионите, Еурофарм Пелистер организира прес-конференција со тренерот на екипата и еден ракометар. Средбата со новинарите ќе се одржи во прес-конференциската сала, која се наоѓа во малата сала на СЦ „Боро Чурлевски“ и собира 20-30 лица во сегментот за новинари. Најавните прес-конференции клубот ќе ги реализира во еден од двата термини: попладневниот по тренинг сесијата на два дена до натпреварот или утринскиот термин на ден пред натпреварот (важи и за домашните и за гостинските натпревари). Дополнително ќе бидете известени за терминот на секоја прес-конференција.
Прес-конференцијата по домашните натпревар ќе започне 15 минути по завршувањето на натпреварот, а ќе бидат присутни тренерите на двете екипи и по еден играч од двата тима. Прес-конференцијата ќе се реализира на македонски и англиски јазик (или на јазикот кој им одговара на гостите) и ќе биде директно пренесувана на профилот на Facebook на клубот или на Youtube каналот на клубот.
Клубот ќе дистрибуира видео-изјави од одделни прес-конференции до медиумите, а исто така ќе ги сподели видео-материјалите на својата официјална веб-страница, Youtube канал и социјалните мрежи.
МИКС-ЗОНА И ФЛЕШ-ЗОНА
По завршувањето на домашните натпревари, ракометарите на двете екипи се целосно достапни за новинарите во микс-зоната, распределени во четири категории во зависност од акредитацијата: 1. носители на ТВ права, 2. ТВ кои не се носители на правата за натпреварувањето и ТВ-веб, 3. Радио, 4. Прес и Веб. Во консултација со прес-службата на клубот можете да го обезбедите ракометарот кој сакате да го интервјуирате.
Во микс-зоната забрането е фотографирање.
По завршувањето на натпреварот во флеш-зоната ќе се реализираат две видео-изјави со ракометари на двете екипи, кои ќе бидат дистрибуирани во ТВ-преносот, меѓународната размена и платформите на ЕХФ. Клубот ќе дистрибуира дел од флеш-изјавите до медиумите.
ТРЕНИНЗИ
Првите петнаесет минути од официјалниот тренинг на двете екипи се отворени за снимање и фотографирање. Во договор со прес-службата на домашната и гостинската екипа, во тој временски интервал од петнаесет минути, можете да ги интервјуирате ракометарите или тренерите. Клубот ќе ја информира јавноста доколку официјалниот тренинг на некоја од екипите биде откажан.
АКРЕДИТАЦИИ
Новинарите од печатените медиуми и порталите, и фотографите треба да ги испратат своите барања директно до клубот најдоцна до три работни дена пред почетокот на натпреварот. Печатените медиуми, новинари и фотографи своите барања за акредитации треба да ги испратат директно на клубот на адреса Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите..
Дигитални медиуми, ТВ, Веб ТВ и радио мораат да аплицираат директно во ЕХФ за добивање на акредитација за следење на натпреварот. Барањата за акредитации треба да се испраќаат на: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.. Сите барања испратени на други адреси нема да се разгледуваат. Носителот на ТВ права за територијата на Македонија нема потреба од акредитирање до клубот.
Акредитациите ќе се делат на прес-конференцијата пред натпреварот за медиумските работници од Битола, а на отворањето на медиа-центарот два часа пред почетокот на натпреварот за новинарите кои доаѓаат на денот на натпреварот.
МЕДИА-ТРИБИНА
На медиа-трибината во спортската сала „Боро Чурлевски“ обезбедени се дваесет места за новинари со масичка. За останатите кои немаат обврски за работа во живо, наменети се места на медиа-трибината без масичка.
ФОТОГРАФИИ
Клубот ќе диструбуира одреден број фотографии до медиумите, а некои ќе ги сподели на својата официјалната веб страница и профилите на социјалните мрежи. Клубот ќе ја задржи праксата да споделува до медиумите и пријателите на клубот информации, фото и видео материјали од останатите прес-конференции, претставувања на новите ракометари, продолжување на договорите, хуманитарни акции, клупски активности.
Фото-елеците за фотографите ќе бидат поделени пред првиот домашен натпревар (13/14 септември) и ќе важат за целата сезона, Фотографите се должни да ги вратат на клубот по завршувањето на европската сезона.
ПАРКИНГ
Клубот обезбеди паркинг-места за преставниците на медиумите, но мора да го најавите при акредитирањето.
ОФИЦИЈАЛНА ВЕБ-СТРАНИЦА И СОЦИЈАЛНИ МЕДИУМИ
Извештајот, деталите и фотографиите по секој натпревар ќе бидат поставени на клупската веб-страница до два часа по завршувањето на натпреварот. Непосредно по завршувањето на натпреварите на Еурофарм Пелистер, клубот ќе сподели информации, фотографии на профилите на социјалните мрежи: Faceebook, Instargram, Tik-Tok и на Youtube каналот на клубот.
ПРЕС-БРОШУРА
Пред секој домашен натпревар РК Еурофарм Пелистер изработува ЕХФ брошура на англиски јазик, во која ќе ги пронајдете најважните информации и фотографии за тековниот натпревар. Брошурата ќе биде дистрибуирана во работната соба за медиуми, а достапна ќе биде и во електронско издание.
ВИДЕО-МАТЕРИЈАЛИ
Клубот на социјалните медиуми ќе споделува кратки стручни видео-излагања пред и после натпреварите, достапни за фановите и медиумите. За време на натпреварот забранети се видео-снимања на делови од натпреварот на присутните во медиа-трибината.
СТУДИО И ИНТЕРВЈУА
Во медиа-центарот на спортската сала „Боро Чурлевски“ поставена е сала за состаноци и импровизирано ТВ-студио, кое ќе биде достапно за интервјуа, средби на новинарите со ракометни имиња, разговори, вклучувања во живо.
ОРГАНИЗИРАНО СЛЕДЕЊЕ
РК Еурофарм Пелистер подготвува фан-зона пред секој домашен натпревар. Просторот за заедничко дружење во зависност од возраста, забавата и приоритетите ќе бидат Отвореното ракометно игралиште (непосредно до спортската сала „Боро Чурлевски“) и пред предната страна на самата сала. Просторот за навивачи ќе биде отворен неколку часа пред натпреварот. Предвидени се забава, музички настани, храна и пиво и заеднички следење на натпреварот на голем видео-бим.
Клубот, во соработка со своите партнери, ќе организира заедничко следење и на гостинските натпревари. Дополнителни информации ќе сподели пред почетокот на секој натпревар и пред отворањето на секоја фан-зона.
ПРЕВОЗ ЗА НОВИНАРИ
Доколку постои интерес за следење на натпреварите од Лигата на шампионите за медиумските работници кои не доаѓаат од Битола, клубот ќе организира превоз Скопје-Битола-Скопје на денот на натпреварот.